Фабрицио Романо, најрелевантниот светски извор за фудбалски трансфери, доби предупредување од “Твитер” за ширење лажни вести. Популарниот 30. годишен Италијанец, кој има речиси 20 милиони следбеници на Инстаграм, пред сите има информации од највисоките фудбалски кругови и ретко греши. Но, му се случија некои погрешни информации.

Како тоа функционира, објасни тој во неодамнешното интервју за хрватски „Индекс“, во кое и самиот призна дека понекогаш прави некаква грешка кога станува збор за информациите, но додаде и дека неговите погрешни најави се производ на повеќе околности, а не само негови толкувања на моменталната ситуација.

„Ух, ги имаше многу, но јас никогаш не лажам во моите објави, само ја кажувам вистината. Не можам да влијаам дали трансферот ќе пропадне во последен момент или не, а како што знаете тоа често се случува. Јас не потпишувам договори.

Да речеме, во 2021 година објавив дека Меси ќе го продолжи договорот со Барселона и за ова добив потврда од најсигурни извори. Сè беше подготвено, договорите беа завршени и подготвени за потпишување, но тоа пропадна поради правилата во Ла Лига, а јас не можев да го контролирам тоа. Тоа беше многу тешко за мене“, рече тој.

Поради еден таков нов неуспех, реагираше и „Твитер“ со предупредување. Интересно, станува збор за евентуалениот трансфер на Јошко Гвардиол од Лајпциг во Манчестер сити.

Тогаш напиша дека Гвардиол се сели кај Пеп Гвардиола и тоа го зачини со неговиот заштитен знак: “Here we go!”, по кој е препознатлив на „Твитер“.

„Договорот за висината на обештетувањето помеѓу Сити и Лајпциг е постигнат. Колку што разбрав, Гвардиол го заврши првиот дел од медицинските тестови и договорот е пред потпишување. Гвардиол ги договори условите за соработка со Сити пред еден месец“, напиша тогаш Романо.

Проблем за Романо и причина за предупредувањето беа зборовите на спортскиот директор на Лајпциг, Макс Еберл, кој изјави дека двете страни во преговорите се уште многу далеку и дека Гвардиол не бил на никаков лекарски преглед. Следниот ден Романо ја поправи својата информација./Makfax/