Нови три случаи на голема кашлица се регистрирани во државата, со што бројката се зголеми на вкупно 15 од почетокот на годината.

Доктор Кристина Ставридис, епидемиолог од Институтот за јавно здравје, за МИА изјави дека преку системот за следење заразни болести, евидентирани се вкупно 15 случаи од почетокот на годината.

Големата кашлица, наречена и магарешка кашлица или научно – пертусис, е респираторна инфективна болест која најчесто се појавува кај невакцинираните лица. Ја предизвикува бактеријата Bordetella pertussis. Пред да се создаде вакцината за големата кашлица, таа се сметала за детска болест.

Најчести симптоми се: Благата кашлица, течење на носот, кивање и слаба треска (под 39 Целзиусови степени).

По 7-10 дена се појавуваат симптоми на долготрајно кашлање кое може да трае и до 100 дена. Звуците од кашлањето, кои наликуваат на рикање, се резултат на обидот за земање здив по долгото и напорно кашлање. Затоа долгата кашлица се нарекува и магарешка кашлица.

Кашлицата е сува и не произведува слуз, па кашлањето може да трае и до 1 минута. За време на кашлањето, понекогаш лицата на заболените стануваат црвени или виолетови поради недостиг на воздух.

Ова бактериско заболување е многу заразно и е второ по преносливост од редовните инфективни заболувања. Заболувањето најчесто не е опасно, но може да има лоша клиничка слика, особено за бебињата. Нивното дишење може да отежне, па да престанат да дишат, што доведува до видливи симптоми кои изгледаат страшно за родителите – вели д-р Злате Мехмедовиќ.

Големата кашлица е најопасна за бебињата, особено помладите од една година, бидејќи го запира дотокот на кислород во целото тело. Таа може да предизвика внатрешно крвавење, пневмонија, кила, грчења и фрактури на ребрата поради напрегањето при кашлањето.

Смртните случаи поврзани со големата кашлица се ретки, но новороденчињата на возраст под два месеца се најризична категорија бидејќи нивниот организам сѐ уште е ранлив.

Министерот за здравство Фатмир Меџити, во одговор на новинарски прашања, претходно денеска кажа дека ќе остави на професионалците да одлучуваат какви мерки ќе се преземат понатаму во врска со големата кашлица.

Не сум тој кој бара, јас се советувам со сите. На седницата на Комисијата за заразни болести ќе се разгледа каква е состојбата. Таму има врвни професионалци, јас сум невролог. Ќе оставам на професионалците кои се во таа комисија, да се одлучува како понатаму. Но, тоа што ветувам и досега што тврдев, состојбата е под контрола и ние ги надгледуваме сите состојби во здравството, не само за заразни болести. Веќе е месец февруари, ќе им дојде крај и на овие вируси и други состојби што го влошуваат здравјето на пациентите, рече Меџити, прашан дали утре ќе побара од Комисијата за заразни болести да се прогласи епидемија во Скопје.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.