Премиерот на Албанија, Еди Рама, на 6 и 7 јули ќе ги обиколи земјите од Западен Балкан. Рама во четврток ќе престојува во Скопје, а ќе ги продолжи посетите во Приштина, Подгорица, Белград и Сараево. Турнејата на премиерот на Албанија ќе се одвива во рамките на Берлинскиот процес и иднината на „Отворениот Балкан“. Оваа иницијатива на Рама доаѓа само неколку дена откако тој изјави дека „Отворениот Балкан“ ја исполни својата мисија, и дека Берлинскиот процес мора да продолжи. На ваквата изјава на шефот на албанската држава досега реагираше српскиот претседател Александер Вучиќ, кој рече дека не верува дека Рама го кажал тоа, бидејќи според него„ Отворениот Балкан е автономна и автохтона идеја на луѓето од Балканот“. Се уште нема официјален став ниту кај властите во земјава. Побаравме став од министерот за надворешни работи Бујар Османи, но од него и од неговиот кабинет не добивме одговор на оваа тема. Османи, заедно со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го бранеа концептот на Отворен Балкан, и го повикаа Косово да биде дел од оваа иницијатива, нагласувајќи дека „непријателството не може да се одржува доживотно“.

„Потребно ни е помирување меѓу албанската нација и српската нација, или да одлучиме дали ќе се одмаздиме, и што ни прави одмаздата. Овде имаме две алтернативи, трето нема. Кој е најјак, или ќе ја повториме историјата уште еднаш и кој е најсилен“, изјави Али Ахмети, ДУИ.

Албанската опозиција беше против Отворен Балкан. Претседателот на Движењето БЕСА Билал Касами, и денеска изјави дека е добро што премиерот Еди Рама разбрал дека Отворен Балкан ја заврши својата мисија.

„Иако искрено не знаеме која беше мисијата на Отворениот Балкан, додека во исто време беше и Берлинскиот процес. Среќни сме што и Албанија се приклучува на Берлинскиот процес, и земјите од Западен Балкан што поскоро, искористувајќи ја оваа иницијатива на ЕУ, ќе бидат полноправни членки со сите други земји од ЕУ“, рече Билал Касами, Движење БЕСА.

Иницијативата Отворен Балкан, беше потпишана во октомври 2019 година од страна на српскиот претседател Александар Виќиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама и тогашниот премиер на Северна Македонија Зоран Заев. Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина одбија да се приклучат на оваа иницијатива. Целта на Отворениот Балкан беше зголемување на трговската соработка, и соработка во многу други сфери. Во обид да се реализира целта на иницијативата, шефовите на трите држави потпишаа десетици меморандуми и договори за соработка во сферата на трговијата, прометот на стоки, образованието и други сфери. Но, до денес ниту еден од овие договори не се спроведе во пракса, и не даде видливи резултати. /Алсат.мк