Владимир Путин го пречека Ким Џонг Ун на космодромот Восточни на далечниот исток на Русија, додека Украина и западот стравуваат дека тие би можеле да разговараат и за можноста Северна Кореја да ѝ продаде оружје на Русија. Запрашан за ова, Путин одговори дека ќе разговараат за сите теми.

„Пјонгјанг и Москва соработуваат во чувствителни области, за кои не се зборува јавно. Овие разговори се многу важни, имајќи ги предвид геополитичките промени во светот“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

Северна Кореја располага со здрави залихи од десетици милиони тони муниција и аналитичарите веруваат дека би можела да ѝ понуди на Русија куршуми, артилериски гранати, па дури и стари проектили.

Пред почетокот на официјалните разговори, Путин потврди дека Русија би можела да ѝ помогне на Северна Кореја во развојот на вселенската технологија.

„Токму затоа дојдовме на космодромот Восточни. Севернокорејскиот лидер има голем интерес за ракетно инженерство. Тие исто така се обидуваат да развијат своја вселенска програма“, кажа Путин.

Северна Кореја досега имаше два неуспешни обида да лансира шпионски сателит во вселената и најави дека повторно ќе се обиде следниот месец.