Францускиот гигант Пари Сен Жермен ќе мора да продава во зимскиот преоден рок за да го задоволи финансискиот фер-плеј на УЕФА. На трансфер – листата се ставени седуммина фудбалери, откриваат француските медиуми.

Најзвучното име е Мауро Икарди, кој ќе мора да си замине со оглед дека предизвикува премногу внинание и со својот приватен живот. Тој од почетокот на сезоната имаше семејна расправија со Ванда Нара која е и негов агент, а тоа ги полнеше насловните страници на медиумите ширум светот.

Тренерот Маурисио Покетино нема да смета и на Абду Дијало, Левин Курзава, Колин Дагба, Рафиња и Серхио Рико. Исто така младите Ерик жуниор и Дина Ебимбе најверојатно ќе бидат испратени на позајмица.

Покрај овие фудбалери, можна е разделба и со Џорџинио Вајналдум кој не е задоволен со статусот во клубот и размислува за враќање во Премиер – лигата. Леандро Паредес исто така е цел на италијанскиот калчолигаш Јувентус.