Претседателот на Франција, Емануел Макрон, го освои својот втор мандат како претседател на Франција и ќе ја води земјата и во следните пет години. Во вториот круг од изборите вчера Макрон постигна убедлива победа над својата екстремно десничарска ривалка Марин Ле Пен. 44-годишниот француски претседател успеа да добие повеќе од 58 отсто од гласовите, додека Ле Пен помалку од 42 отсто.

Advertisements

„Од сега не сум кандидат од некој камп, јас сум претседател на сите. Им порачувам на оние кои гласаа за крајната десница дека ќе биде моја одговорност и на мојот тим да ги решат нивните грижи. Ќе работам за поправедно општество и за еднаквост меѓу мажите и жените. Мора да покажеме почит затоа што државата ни е многу поделена… Никој нема да биде изоставен. Војната во Украина ни покажува дека живееме во трагични времиња“, изјави Емануел Макрон – претседател на Франција.

Поддржувачите на Ле Пен, од друга страна, луто извикуваа додека ја слушнаа веста. Таа брзо ги прифати резултатите, но не одржа долг говор. Само им се заблагодари на поддржувачите и им порача дека ќе продолжи да се бори во француската политика. Но, преголемо беше разочарувањето на приврзаниците на Марин Ле Пен кои вечерта излегоа да протестираат по улиците на Париз при што беа забележани и инциденти. Во еден момент полицијата во Париз отвори оган и рани две лица. Автомобилот во кој се наоѓале, одбил да застане на контролниот пункт и продолжил кон полицајците.

По победата, Макрон доби честитки од лидерите на Европската унија и на САД. Честитки стигнаа и од Скопје.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе