Најмалку 60 цивили се повредени, а 9 загинаа во гранатирањето на руската армија во јужниот град Миколаев. Градоначалникот вели дека руската армија не ги поштедила ниту цивилните згради, притоа најавувајќи дека во последните 24 часа има повредени како резултат на непочитување на прекинот на огнот и коридорите за евакуација на цивили.

„Во 5 часот наутро бевме бомбардирани од Русите и сите ракети ги погодија зградите каде што имаше цивили. Има многу ракети кои паднаа и не експлодираа, но претставуваат потенцијална опасност. Сè уште немаме точен број на загинати, но најмалку 60 цивили се повредени“, изјави Олександр Сенкевич, градоначалник на Миколаев

Украинскиот претседател Володимир Зеленкси во раните утрински часови соопшти дека руската армија целосно го уништила аеродромот Виниција и оти Русите се обидуваат да ја преземат контролата над трета нуклеарна централа, која исто така претставува закана. Зеленски повторно побара затворање на воздушниот простор и бојкот на руските производи.

„Ве чекаме да го исчистите воздухот со вашите борбени сили или да нè снабдите со противвоздушна одбрана која ни е многу потребна во моментов. Западниот свет треба да ги заостри санкциите кон Русија, нафтените деривати и нафтата на големо. Дали како ембарго или како морално прашање, одбивање да се дадат пари на руските терористи. Бојкотирајте го и увозот од Русија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина

Поранешниот украински претседател Петро Порошенко изјави дека е неопходно Украина да добие воени авиони, нарекувајќи го рускиот претседател Путин воен злосторник кому не треба да му се верува.

„Ова не е војна против Украина и Украинците. Тоа е војна против вредностите, против западот, САД, Европа и Британија. Сите треба да знаат дека како што сме заедно против војната, треба да бидеме заедно и во преговорите. Се восхитувам на лидерството што го демонстрираат американскиот претседател Џо Бајден и американскиот Конгрес, но ни требаат авиони и борбени авиони. Не ни требаат американски војници и пилоти, потребни ни се само борбени авиони и подготвени сме да го одбраниме нашиот воздушен простор“, рече Петро Порошенко, поранешен претседател на Украина

Во меѓувреме Киев и понатаму се спротивставува на руските обиди за да го преземат. Утрово беа подигнати нови контролни пунктови и поставени нови блокади каде што патролираат украински војници и вооружени доброволци.

Денеска пак, во Хаг се одржа првото судско рочиште за обвинението на Украина против Русија за воени злосторства. Украинскиот претставник рече дека отсуството на руската страна во судот доволно зборува за вистината, повикувајќи ги Обединетите нации што поскоро да ја запрат руската агресија. /Алсат.мк

Адријан Керими