Не престануваат протестите во Белград по изборите за кои опозицијата предводена од коалицијата „Србија против насилство“, тврди дека биле фалсификувани и украдени. Дел од предводниците на опозицијата штрајкуваат со гад, а граѓаните насобрани пред Собранието на Белград бараат увид во изборните списоци во кои фигурирале граѓани на Република Српска, а гласале како жители на Белград. Власта предводена од Вучиќ одбива да разговара со опозицијата и се заканува со апсење на сите учесници во протестот кои кршеле имот и со тоа го уривале уставниот поредок. На протестот синоќа се собраа илјадници граѓани, а имаше и судири со полицијата откако група се обиде да влезе во објектот, по што беа уапсени најмалку 38 лица.

„Сите граѓани на Србија може да бидат спокојни. Насилниците ќе  одговараат и никој нема на сила да ја менува одлуката на граѓаните на избирачките места, зашто во спротивно бесмислено би било самото одржување на изборите. Не може некој што има силна екипа на луѓе да заземе некоја институција и да каже дека изборната победа е негова“,рече Милош Вучевиќ – претседател на Српска напредна странка.

Сомневањата за изборен фалисфикат ги потврдија и набљудувачите на ОБСЕ кои нотираа дека изборите ги одбележале сериозни нерегуларности, злоупотреба на јавни средства, медиумска доминација на претседателот на државата Александар Вучиќ, негативна кампања и ширење страв. Реагираше и Стејт Департментот. Тие велат дека Белград треба да соработува со ОБСЕ во истрагата за наводите за изборни нерегуларности.

Опозицијата најпрво се обиде доказниот материјал да го достави до републичката изборна комисија, но откако нивните жалби беа експресно одбиени ги префли протестите пред градското собрание зашто, според нив, најголемата кражба на гласови е направена за изборот на новите локални власти во Белград.

Инаку, од официјална Москва обвинија дека Западот сака да ја дестабилизира Србија и дека протестите се со цел да се  креира „нов Мајдан“, а во ист стил е и реториката на српските власти. По протестите реагираше и Европската Унија. Од Брисел за „Гласот на Америка“ истакнаа дека правото на мирни демонстрации мора да се почитува, но насилството не е решение.

„Акциите на полицијата мора да бидат соодветни и основните права мора да се почитуваат во рамките на владеењето на правото. ЕУ повикува на мир и дијалог“, велат од Европска Унија.

Од ЕУ воедно побараа да се истражат наводите за изборните нерегуларности.

Лука Андрев