Претседателски избори во Русија: Брилијантно зелена боја, во знак на отпор против режимот

На повеќе избирачки места денеска во Москва се забележани гласачи кои истураат „брилијантно“ зелена боја од течност што се користи како антисептичко средство, објави ЦИВИЛ.

Неколку лица се приведени денеска, поради вандализам на избирачките места на првиот ден од гласањето на претседателските избори. Според руските власти, „инцидентите вклучувале истурање зелена боја во гласачките кутии, палење на кутиите и палење огномет внатре во избирачките места.“

Бојата го симболизира нападот познат како зељонка што во 2017 година го изведоа приврзаниците на путиновиот режим врз Алексеј Навални, најголемиот опозициски лидер, убиен на 16 февруари годинава.

По зељонка нападот, зелената боја се користи како симбол на отпорот против режимот.

Повеќето инциденти се пријавени на избирачките места во Москва, Воронеж во јужна Русија и регионот Карачај-Черкесија на северен Кавказ, според државната новинска агенција ТАСС.

„ЦИВИЛ – Центар за слобода, како организација со долгогодишно искуство во изборниот мониторинг, оценува дека изборниот процес за „ре-избор“ на рускиот претседател претставува флагрантно кршење на сите демократски принципи и стандарди,“ соопшти ЦИВИЛ денеска.