Претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, утре доаѓа во официјална посета на С Македонија. Домаќин на косовската претседателка ќе биде нејзиниот македонски колега, претседателот Стево Пендаровски.

Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, Османи-Садриу ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести на официјална церемонија во кабинетот на претседателот. По пречекот е предвидена тет-а-тет средба на претседателите на двете држави, а потоа и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Косово.

„Во рамки на посетата, во црквата ‘Свети Спас’ во Скопје двајцата претседатели ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев“, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот на државата.

За време на официјалната посета, косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу, како што се наведува, ќе има средби и со претседателот на Собранието Талат Џафери и со премиерот Димитар Ковачевски.

Претседателката на Косово ќе има и обраќање на свечена седница во Собранието на Република Северна Македонија.

Прикажи повеќе