Англиските фудбалски клубови ќе можат да бараат одложување на првенствените натпревари само во случај доколку имаат најмалку четири заразени играчи со коронавирусот, а за навивачите веќе не важат задолжителните ковид сертификати за влез на стадионите.

Ова се предвидува со новите измени кои денеска ги објави раководството на Премиер лигата по состанокот со претставници на сите 20 прволигашки екипи во Англија.

– По денешниот состанок со клубовите, Премиер лигата ги промени насоките за случаите со Ковид-19. Отсега ако некој клуб бара одложување на свој натпревар врз основа на недоволен број здрави фудбалери потребно е да има минимум четири заразени играчи, соопшти раководството на Премиер лигата.

Оваа сезона досега се одложени 22 натпревари во најсилната англиска фудбалска лига, а дел од екипите ја критикуваа Премиер лигата за лошо менаџирање на состојбата поврзана со коронавирусот.