Прекин на бременоста со апчиња се прави само на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје, а од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) и Асоцијацијата ХЕРА бараат матичните гинеколози да можат да препишуваат бесплатни контрацептиви и апчиња за прекин на бременоста.

Медикаметозен абортус во Македонија се прави само на ГАК, бидејќи лекот не е регистриран кај нас. Кога би се регистрирал, до 12. недела од бременоста ќе може го препишуваат и матичните гинеколози и да им се олесни на девојките и жените да не доаѓаат сите во Скопје. Според Светската здравствена организациија (СЗО), абортусот со апчиња е најбезбеден.

Медикаметозниот абортус на ГАК се користи во 80 отсто од случаите, останатите проценти отпаѓаат на хируршката интеревенција.

„Лековите за абортус не се регистрирани во Македонија, Клиниката ги увезува како интервентен увоз. Не може Министерството за здравство да го регистрира, мора некоја фирма преку Агенцијата за лекови МАЛМЕД. Имаше една фирма, почна, но застана процесот. Се работи всушност за два лека. Едниот дел се дава од страна на едуциран здравствен кадар и пациентката го прима на ГАК, а вториот дел во домашни услови, со претходни знаења во кој случај би требало да се јави кај здравствено лице на ГАК. Тоа е помалце од 1 отсто, во 99 отсто од пациентките успешно ја завршуваат процедурата во домашни услови, но претходно едуцирани“, изјави проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на МАГО.

Бременоста до 12. недела може да се прекине со апчињата во домашни услови, а од 12 до 22 недела, пациентките лежат еден ден на Гинекологија.

Од ХЕРА влеат дека ниту едно од малкуте достапни модерни контрацептивни средства во земјава не е на позитивната листа на лекови.

Од друга страна, иако буџетот за бесплатна модерна контрацепција за девојки и жени во ранливи ситуации предвиден со Превентивната програма за мајки и деца се зголеми од 100 илјади денари во 2022 година на 500 илјади денари, годинава бесплатна контрацепција добиваат само жените кои живеат во Скопје и тоа само преку ГАК, изјави Матевска.

Д-р Тофоски рече дека се надева оти со најавеното ажурирање на позитивната листа на лекови, на листата ќе се најдат баем две контрацептивни средства, комбирината орална контрацепција и интраутерини влошки (спирали ) кои ги користат почесто жените кои веќе родиле или се во брак.

Дури 36 отсто од момчињата и три проценти од девојчињата на 15-годишна возраст имале сексуално искуство. Стапката на тинејџерска бременост кај нас е речиси трипати повисока од просекот на Европската Унија, покажуваат податоците што денеска ги објавија МАГО и ХЕРА – по повод Светскиот ден на контрацепцијата и Светскиот ден на безбедниот абортус.

Заштитениот сексуален однос, според пласираните податоци, е пракса само кај 20 отсто од девојчињата и 62 проценти од момчињата меѓу албанското население и кај 64 отсто од момчињата и 52 проценти од девојчињата меѓу македонското население. Меѓу младите до 29-годишна возраст, само 12,8 проценти користат контрацептивно средство.

Кога станува збор за безбедниот абортус, во текот на минатата и на оваа година, МАГО и ХЕРА обучиле 100 гинеколози за примена на медикаментозниот абортус – абортус со лекови, кој претставува многу поедноставна процедура за прекин на бременоста од хируршкиот, поради што, како што беше соопштено, со лекови се изведуваат дури 80 проценти од абортусите во Европа.

Владата се бара во најкус рок да ја прошири Позитивната листа на лекови со најмалку едно модерно контрацептивно средство, годишно да се зголемува буџетот за бесплатни модерни контрацептивни средства и да најде механизам за што е можно повеќе државни болници да добиват соодветни количини, со што ќе се обезбеди рамномерен пристап до бесплатна контрацепција за жените од целата земја, како и да се регистрираат лековите за медикаментозен абортус и секоја година да се зголемува буџетот за нивна набавка.

Според претседателот на МАГО, професор доктор Глигор Тофоски, децата треба да добијат информации за сексуалното здравје уште пред да почнат со сексуалните односи.

Колку повеќе информации имаат, дефакто научно е докажано дека тие повнимателно и подоцна влегуваат во сексуални односи, отколку оние деца на кои ништо не им се зборува, истакна Тофоски.

Матевска вели дека сексуалното образование значи како да кажеш „не“, на она однесување што не ти се допаѓа.

Како да го одбиеш притисокот од средината за рано стапување во сексуални односи. Сексуалното образование на некој начин ги подготвува младите како дури и да го одложат можеби првиот сексуален однос, што поради притисок на врсници, може да биде избрзан и многу често, незаштитен, нагласи Матевска.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.