Постигнат договор за реформата на системот на ЕУ за азил и миграција

Претставници на шпанското претседателство со Советот на ЕУ и на Европскиот парламент утрово постигнаа договор за основните политички елементи на петте клучни регулативи кои темелно ќе ја ревидираат правната рамка на ЕУ за азил и миграција, со што се воведуваат значително построги процедури за доделување азил.

Шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка Гомез по постигнатиот договор истакна дека тој претставува голем чекор напред кон барањата на европските граѓани за справување на властите со миграцискиот предизвик.

– Оваа реформа е клучен дел од сложувалката. ЕУ останува посветена на справувањето со основните причини за миграцијата, работејќи заедно со земјите на потекло и транзит и справување со злото на шверцот на мигранти, изјави Гомез, додавајќи дека со постигнатиот договор ЕУ го исполнува своето ветување за подобрување на системот за азил и миграција.

Од друга страна, потпретседателот на Европската комисија и еврокомесар за промоција на европски начин на живот Маргаритис Схинас во објава на платформата Икс го оцени постигнатиот договор како „напредок“.

– Патот за да се стигне до тука беше долг. Но, ние успеавме. Европа конечно испорачува во врска со миграцијата, наведе Схинас во објавата.

Петте законски регулативи опфатени со договорот се однесуваат на сите фази на менаџирањето со азилот и миграцијата, почнувајќи од проверката на илегалните мигранти при нивното пристигнување во ЕУ, земањето биометриски податоци, процедурите за поднесување на барања за азил, начините на постапување по овие азилантски апликации, како и правилата се кои се одредува која земја членка на Унијата ќе биде одговорна да постапување по барањата.

Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, со договорот се регулира и соработка и солидарноста меѓу земјите членки во однос на прифаќањето на азилантите, како и начините на постапување во кризни ситуации, вклучително и при случаи на инструментализација на мигрантите.

– Откако ќе бидат усвоени, новите правила ќе го направат европскиот систем за азил поефикасен и ќе ја зголемат солидарноста меѓу земјите членки со тоа што ќе овозможат да се олесни товарот на државите во кои пристигнуваат поголемиот број мигранти, соопшти Европскиот совет.

Постигнатиот договор за реформа на системот за азил и миграција на ЕУ, на која се работи уште од 2015 година кога во Унијата пристигнаа рекорден број мигранти и баратели на азил, претставува компромис меѓу барањата на десничарските популистички власти за заострување на постоечките правила и изразените грижи на левицата и хуманитарните организации околу можното непочитување на човековите права.

Фото: МИА Архива