Последна сесија на Европарламентот пред европските избори, меѓу темите и Механизмот за раст на Западниот Балкан

Најновите случувања на Блискиот Исток, состојбата во Украина и европската поддршка на земјата, измените во правилата на Заедничката земјоделска политика, обвинувањата за обиди за ширење на руско влијание во институциите на ЕУ, ќе бидат меѓу главните теми на кои ќе се расправа на последното пленарно заседание на Европскиот парламент пред одржувањето на изборите за нови европратеници, што ќе се одржи од денеска до четврток во Стразбур.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во рамки на заседанието за утре е предвидена дебата на европратениците за Предлог-регулативата за создавање на Механизмот на за реформи и раст за Западниот Балкан, како инструмент за имплементација на Планот за раст на регионот. Гласањето по законската регулатива е предвидено за в среда.

Сесијата ќе почне попладнево со дебати за повеќе законските регулатива, меѓу кои и за борбата против трговијата со луѓе и заштита на нејзините жртви, како и за забрана за продажба во ЕУ на стоки произведени со принудна работа. Гласањето по двата закони е предвидено за утре.

Покрај за овие два законски предлози во текот на утрешниот ден Европарламентот ќе се изјасни и за регулативите за мерките за либерализација на трговските односи со Украина, за новите правила за „екодизајн“, како и за визна либерализација на жителите на Косово иматели на српски пасоши издадени од српското Координативно тело за Косово.

Утре европратениците треба да дебатираат за регулативата за борбата против насилството врз жените и за воспоставување на Европската карта за лицата со попреченост, за кои закони ќе се изјаснат в среда. Истиот ден, Европарламентот ќе се изјасни за регулативата за спречување на перењето пари, по која претходно ќе се одржи и расправа.

Заседанието ќе продолжи утре попладне со дебата за одговорот на ЕУ на убиствата на хуманитарни работници, новинари и цивили од страна на израелските сили во Појасот Газа, потоа за искористувањето на руските замрзнати средства за поддршка на Украина и нејзината обнова, за законот за странски агенти во Грузија, за состојбата на Хаити, за стратешкото и сеопфатно партнерство со Египет, како и за растителниот и шумски репродуктивен материјал во Унијата.

Европските пратеници в среда, меѓу другите, ќе гласаат и за поедноставување на одредени правила од Заедничката земјоделска политика и за законите за отпад од амбалажа, за квалитетот на амбиенталниот воздух во Европа, за длабинска анализа за компаниите, за прекугранична размена на информации за сообраќајни прекршоци, како и за создавање на европски простор за здравствени податоци.

Сесијата в среда ќе започне со главната дебата на ова пленарно заседание на Европскиот парламент посветена на случувањата на Блискиот Исток по иранскиот напад врз Израел од пред една недела, вклучително и за заклучоците од Специјалниот европски совет одржан на 17 и 18 април за оваа тема, како и за одговорот на ЕУ во насока на деескалација на тензиите во регионот.

Гласањето по Резолуцијата што треба да произлезе од оваа дебата е превидено за в четврток.

По дебатата за Блискиот Исток, в среда ќе се расправа и за „екстремно десничарските и конзервативните обиди за уништување на Зелениот договор“, како и за Предлог-директивите за борба против перењето пари.

В четврток европратениците ќе дебатираат и ќе гласаат за формирање Меѓуинституционално тело за етички стандарди на членовите на институциите на ЕУ, како и за Законот за индустрија за нулто ниво на емисии на штетни гасови. Истиот ден, ќе се гласа и за резолуции за новите обвинувања за наводни обиди за руско мешање и влијание во Европскиот парламент, како за претседателските избори во Русија.

Во рамки на овонеделното заседание на Европскиот парламент за в среда е предвидена и свечена седница посветена на 20-годишнината од досега најголемото проширување на ЕУ во 2004 година.