реклама

Од безбедносни причини и за да се заштитат посетителите за време на туристичката сезона, популарната плажа „Навагио“ на грчкиот остров Закинтос, ќе биде затворена до крајот на октомври годинава, јави дописничката на МИА од Атина.

Минатиот месец, Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП) излезе со препорака да се забрани пристапот до плажата, откако научниот тим констатирал голема опасност од лизгање на земјиштето поради ерозија, а сега преку министерска одлука објавена во Службен весник, забраната и официјално е воведена, со што „Навагио“ ќе биде затворена до 31 октомври 2023 година.

реклама

Со одлуката, се забранува пристап до плажата и од копно и од вода, а за прекршување на забраната, предвидени се административни казни.

Претседателот на ОАСП Ефтимиос Лекас за грчката телевизија ЕРТ објасни дека има последователни одрони, а постоеле обиди од научниот тим да се одредат зони на плажата, меѓутоа без резултат, бидејќи  во тек биле нови големи одрони.

реклама

Додаде дека се во разговори со надлежните и инволвираните страни за да се изнајде решение кое „од една страна нема да има финансиско оптоварување за жителите на Закинтос, а од друга страна да постои потребната безбедност за туристите.

И на почетокот на септември минатата година со одлука на Координативното тело за цивилна заштита на периферијата на Закинтос беше забранет пристапот до „Навагио“ од безбедносни причини. 

реклама