Поддршката од САД со оружје и обука за Украина продолжува, од Германија пристигнува воена помош во вредност од 100 милиони евра

Соединетите Држави се решени да продолжат силно да ја поддржуваат Украина со оружје, обука и професионални совети за употреба на тактики за војување од Запад, изјави во четвртокот  портпаролот на Пентагон, генерал Патрик Рајдер, јавува дописникот на Укринформ.

Портпаролот на Пентагон рече дека тие ќе продолжат да ја поддржуваат Украина и ќе продолжат да ги даваат најдобрите совети, но Украина ќе ги планира и извршува своите операции.

Тој нагласи дека Украина одамна покажала ефикасност на бојното поле. Рајдер потсети дека украинските вооружени сили вратиле 50% од териториите заземени од Русија и продолжуваат да се борат жестоко иако Русите уфрлуваат значителна количина сили и опрема во битката.

Рајдер, исто така, истакна дека САД ќе продолжат да соработуваат тесно со меѓународната заедница. Во овој контекст, тој потсети дека дури во средата се одржа состанок на Контакт групата за одбрана на Украина.

Како што беше соопштено, во четвртокот Белата куќа соопшти дека ја смета ситуацијата околу Авдивка за „критична“ и не исклучува руските трупи да ја преземат контролата врз градот доколку Конгресот веднаш не усвои нов пакет помош за Украина.

Германија ќе и префрли воена помош во вредност од 100 милиони евра на Украина. Неодамна објавениот германски пакет помош вклучува експлозиви за дронови, камиони, резервни делови и други предмети, извести германското Министерство за одбрана, пренесе Укринформ.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека на неодамнешниот состанок со Олександр Сирски, новиот врховен командант на вооружените сили на Украина во Кијив, генералниот инспектор на Бундесверот Карстен Брејер ветил преку 100 милиони евра краткорочна помош. Пакетот за помош вклучува воена опрема, мали беспилотни бомби, 77 камиони МУЛТИ 1А1, медицинска опрема, резервни делови за различни системи за оружје и поправка на опрема.

Германското Министерство за одбрана соопшти дека ова оружје е веќе доставено или наскоро ќе биде доставено до вооружените сили на Украина.

Писториус истакна дека Украина неодамна добила наведувани ракети со среден дострел за системот за воздушна одбрана Ирис-Т, муниција од 155 милиметри, шест возила за отстранување мини, тенк со подвижен мост и извидувачки дронови.

Министерот изјави дека во 2024 година Германија има за цел да ја зголеми понудата на муниција за Украина за три до четири пати во споредба со претходната година.

Планирано е германската индустрија да ги изврши првите поправки во Украина до летото оваа година.

Германскиот министер за одбрана ја истакна важноста од поддршката на Украина и ги повика партнерите и сојузниците да направат се што е во нивна моќ за да пружат помош.

За време на 19-тиот состанок во формат Рамштајн во Брисел беше објавено дека е создадена коалиција за поддршка на украинската воздушна одбрана под водство на Франција и Германија.

Драган Мишев