Денешната пленарната седница на албанскиот Парламент мина во услови на тензии и хаос создаден од опозициските демократски пратеници приврзаници на Сали Бериша.

Пратеници од крилото “Обнова на ДП” како и изминатите три месеци ја блокираа собраниската говорница, носејќи транспаренти на кои пишуваше „Убијци на плурализмот“, „Убијци на демократијата“, свиреа со свирчиња, но денеска ги немаше димните бомби, кои редовно беа пуштани претходно.

Под силниот звук на свирежите, претседателката на Собранието Линдита Никола директно отиде на гласање на точките од дневниот ред, а на седницата присуствуваше и премиерот Еди Рама.

Пратеничката на Демократската партија, Албана Вокши, се обиде да тргне кон премиерот Рама со плакат во рацете, на кој пишуваше „Убиец на демократијата“, поради што мораше да  интервенира гардата за нормализирање на ситуацијата.

Седницата беше затворена во рок од 12 минути, по изгласувањето на предлог-законите од страна на владејачкото мнозинството.

Во изјава за медиумите, по седница, пратеникот на ДП, Ервин Салијањи, истакна дека “опозицијата нема да се повлече од своето дејствување, туку ќе го диверзифицира”.

Опозициската ДП има 55 пратеници, од кои 47 се од “Обнова на ДП” побројното крило предводено од Сали Бериша,  додека остантите 8 се со Љуљзим Баша, кој во судот фигурира како лидер на партијата.