Македонската машка ракометна репрезентација ја забележа третата победа во третиот контролен меч, овој пат одигравме добро второ полувреме за триумф над Израел од 31-28.

Македонија не импресионираше но дојде до триумф, отсуствуваа и неколку важни ракометари во нашиот состав, а до триумфот дојдовме благодарение на добрата игра кога најмногу требаше, во последната третина од мечот.

Во првиот дел Израелците беа подобар тим и на одморот заминаа со предност од 15-14, работите се променија во вториот дел, во последните 20 минути од мечот.

Израел водеше со 20-18 кога направивме серија од 3-0, таа потоа продолжи до 5-1, а Израел остана на тој единствен гол до 49. минута, кога првпат поведовме со плус три, 25-22. На крајот ја задржавме таа предност и славевме со 31-28.

Дури 13 ракометари се запишаа како стрелци барем еднаш, а најефикасни беа Ненад Костески со пет гола, Филип Талески и Цветан Кузманоски со по четири. Томовски запиша четири одбрани, но одличен беше и Никола Митревски пред него, со осум одбрани за 40-тина минути.

На овој меч не настапија, Никола Маркоски, Бојан Маџовски, Жарко Пешевски, Марко Митев и Костадин Петров.

Можност за подобро издание имаме веќе утре кога играме уште еден натпревар со Израел, исто така со почеток од 18 часот.