Пенс му сврте грб на Трамп: Не можам со чиста совест да го поддржам на претседателските избори

Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс изјави дека „не може со чиста совест“ да го поддржи поранешниот шеф Доналд Трамп во изборната трка, но исто така рече дека нема да гласа ниту за актуелниот претседател Џозеф Бајден.

„Доналд Трамп следи и артикулира агенда што е спротивна на конзервативната политика што ја водевме во текот на нашите четири години. Затоа не можам со чиста совест да го поддржам Трамп во оваа кампања“, истакна Пенс за Fox News, пренесува CNN.

Тој додаде дека оваа негова изјава не треба да изненадува, како и дека е горд на времето кога заедно биле на власт.

„Неверојатно сум горд на резултатите на нашата администрација. Тоа беше конзервативен рекорд што ја направи Америка попросперитетна и побезбедна“, нагласи Пенс.

Пенс учествуваше на внатрепартиските избори, но ја заврши својата кандидатура во октомври минатата година.

„За време на мојата претседателска кампања јасно ставив до знаење дека постојат длабоки разлики меѓу мене и претседателот Трамп за голем број прашања. И не само нашите разлики во моите уставни должности што ги извршував на 6 јануари“, рече Пенс.

Тој исто така изјави дека најновите коментари на Трамп за Кина и противењето на забраната на Тик Ток во САД, исто така, претставуваат пресврт на неговото поранешно силно противење на социјалните медиуми контролирани од Кина.

Пенс нагласи дека во никој случај нема да гласа за актуелниот претседател Џозеф Бајден.

„Како ќе гласам кога ќе се затвори завесата – тоа го оставам за себе“, рече Пенс.

Несогласувањето меѓу Пенс и Трамп се случи по изборниот пораз во 2020 година и упадот во зградата на Капитол од страна на поддржувачите на Трамп. Пенс тогаш го осуди овој потег.

Од друга страна, Трамп смета дека Пенс треба да го поддржи во изборната трка.

„Го избрав него, го направив потпретседател. Но, луѓето во политиката можат да бидат многу нелојални“, рече Трамп.

Актуелниот американски претседател Џозеф Бајден и поранешниот претседател Доналд Трамп ги обезбедија претседателските номинации на нивните партии за изборите. Тоа значи дека старите ривали повторно ќе се сретнат на претседателските избори во САД на 5 ноември годинава.

Г. Т.