Наполи остана без тренер по шампионската титула која Неапол ја чекаше долги 33 години, а наследникот на Лучијано Спалети сѐ уште не е познат. Сосема е сигурно дека има доволно време за ваква одлука, досега веќе се споменуваа имиња како Луис Енрике, Винченцо Италијано, Руди Гарсија и Рафа Бенитез, но сега пристигнаа нови информации.

„Кориере дело Спорт“ пишува дека претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, се сретнал со тренерот на Салернитана, Пауло Соуса, со кого разговарал за тактичките идеи на тренерот и за визијата на клубот.

Она што би можело да ја забрза одлуката за евентуално вработување на искусниот португалски стручњак е клаузула во висина од 1.000.000 евра која важи до 20 јуни во случај некој клуб да сака да го откупи од Салернитана. Поранешниот тренер на Фламенго го презеде тимот во февруари и успеа да обезбеди опстанок што беше оценето како голем успех со оглед на вложувањата.

По богатата играчка кариера, Пауло Соуса се одлучи за тренерскиот занает, освои трофеи во Швајцарија, Макаби и Видеотон, а ги водеше и КПР, Свонси, Лестер, Фиорентина, Тијанжин, Бордо и полската репрезентација пред да го преземе Фламенго во 2021 година.