Основното јавно обвинителство на Македонија објави соопштение во кое го објаснува инцидентот близу трговскиот центар „Чаирчанка“, во кој еден бугарски навивач бил прободен со нож.

Според сознанијата на ОЈО, сѐ почнало кога навивачи на Левски, додека се движеле низ населбата Чаир во два автомобила со бугарски регистарски таблички влегле во вербална препирка со случајни минувачи и граѓани.

„Бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти. При враќање во автомобилот, 29-годишен бугарски државјанин бил повреден со остар предмет во абдоменот. Кај него е констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба“, се вели во соопштението на ОЈО.

Оттаму велат дека и понатаму ќе се постапува за утврдување на идентитетот за вклучените во инцидентот, откако биле земени отпечатоци од местото на настанот, кои подлежат на форензичка анализа, а достапни им биле и видео-записи, кои треба да го олеснат расветлувањето на случајот.

Инцидентот го потврди и МВР, велејќи дека повреденото лиеце е со иницијали Д.А. и потврдувајќи дека е во стабилна состојба. За останатите инциденти, кои се случија на стадионот „Тодор Проески“, а по кои имаше 19 уапсени, ОЈО информира дека се процесуирани прекршочно./Makfudbal.mk/