Османи: Украина останува најважниот приоритет, која се бори не само за својата, туку и за нашата слобода

“Две години од целосна инвазија и агресија на Руската Федерација кон мирољубив сосед. Две години смрт, деструкции и човечки страдања. Две години агресија во Европа во 21 век, но и две години обиди за руско минирање на демократиите и демократските процеси низ Европа. Но тоа што е најважно, две години херојство на украинскиот народ и раководството на Украина, издржливост и отпорност“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, на конференцијата „Украина – две години хероизам“, организирана од Амбасадата на Украина во соработка со ЦИВИЛ.

„Сакам во оваа прилика да оддадам посебна почит кон храбрите украински војници кои војуваат на боиштата, но и на украинските цивили коишто на најдобар можен начин ги бранат своите домови и домовите на најблиските. Сакам да оддадам почит и кон загинатите и нивните семејства. Северна Македонија останува да ја поддржи Украина сè додека е потребно“, истакна Османи.

Османи потенцираше дека Руската Федерација останува најголемата безбедносна опасност за Европа, затоа што без Украина е само една азиска сила, но со Украина е евроазиска сила, што ја прави Украина првата станица од нејзините имеријалистички амбиции.

„ОБСЕ го претворивме во платформа за политичка и правна одговорност на Русија. Три пати го активиравме таканаречениот московски механизам со кој што докажавме дека Русија направила злосторство против човештвото киднапирајќи уркаински деца и носејќи ги во Русија и Белорусија за да ги асимилираат. Затоа мора да има одговрност. Таа не е само цел по себе, туку одговорноста е инструмент за да ова веќе никогаш не се случи повеќе“, изјави Осамни.

Украина останува најважниот приоритет, дециден е Осамани, а Северна Македонија ќе продолжи да биде со Украина затоа што води праведна битка не само за својата слобдоа, туку и за нашата слобода.

Б. Ј.

камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Б. Јордановска