Стотици пациенти се заглавени во болниците во северниот дел на Газа и физички е невозможно да се евакуираат на југ, изјави шефот на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (УНРВА), Том Вајт, пренесува Би-Би-Си.

Според Вајт, невозможно е да се преселат пациентите од болниците како Ал-Кудс во северна Газа, а таквиот став го имаат и лекарите и другите добротворни организации. Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека Израел вчера им рекол да ја евакуираат болницата бидејќи во близина одекнувале воздушни напади.

„Многу луѓе на север бараат засолниште во училиштата на УНРВА, бараат засолниште во болниците. Бев во една од болниците оваа недела, има стотици и стотици пациенти кои не можат да се движат“, вели Вајт.

Тој рече дека многу луѓе на север – не само пациенти – исто така не можат да се движат наоколу бидејќи физички немаат транспорт, немаат средства.

„Луѓето се многу гладни, жедни и исплашени, а многумина живеат од остатоци од леб и конзервирана храна што повремено успеваат да ги добијат“, додава Вајт.

Прикажи повеќе