ОН прогласија „црвен аларм“ поради климатските промени

Сите глобални климатски рекорди беа срушени минатата година, предупреди денеска Светската метеоролошка организација (СМО), изразувајќи особена загриженост поради затоплувањето на океаните и топењето на морскиот мраз.

Во својот годишен извештај за состојбата на глобалната клима, СМО истакнува дека просечните температури го достигнале највисокото ниво во последните 174 години мерење – 1,45 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа, пренесува МИА.

Температурите на океаните беа највисоки во последните 65 години следење и повеќе од 90 отсто од морето доживеа топлотен бран.

„СМО прогласува црвен аларм за светот“, изјави генералниот секретар на СМО, Селест Сауло, која ја презеде функцијата во јануари.

– Она што го доживеавме во 2023 година, особено невидената топлина на океанот, повлекувањето на глечерите и губењето на морскиот мраз на Антарктикот, е причина за посебна загриженост, додаде таа.

Климатските промени, предизвикани од согорувањето на фосилните горива, заедно со климатскиот феномен Ел Нино, соборија рекорди во 2023 година.

Научниците предупредуваат дека 2024 година може да биде полоша бидејќи Ел Нино ги зголемува температурите.