Варијантата Омикрон успева да опстане подолго на човечка кожа и на пластични површини во споредба со претходните верзии на коронавирусот, открија јапонските научници.

Токму оваа екстремно висока „стабилност во околината“, односно високата зараза и екстремната издржливост, му овозможи на Омикрон да ја замени Делта како доминантна варијанта и да се шири со таква брзина, заклучија јапонските научници. На пластичните површини, просечното време на преживување на оригиналниот вид коронавирус беше 56 часа, алфа варијантите 191,3 часа, бета варијантите 156,6 часа, гама 59,3 часа и делта 114 часа.

Јапонските истражувачи открија дека Омикрон останува на пластични површини околу 193,5 часа, а резултатите допрва треба да поминат рецензија.

На примероците од човечка кожа, просечното време на преживување на коронавирусот беше 8,6 часа за оригиналниот вид, 19,6 часа за алфа сојот, 19,1 часа за бета, 11 часа за гама варијантата, 16,8 часа за делта и – 21,1 часа за омикрон. Сите варијанти на коронавирус беа целосно деактивирани од човечка кожа по 15 секунди изложеност на средства за дезинфекција на раце на база на алкохол.

Јапонските научници препорачуваат како дел од актуелната контрола на инфекциите, да се продолжи со досегашната практика на хигиена на рацете со средства за дезинфекција на база на алкохол и сапун, во согласност со упатствата на Светската здравствена организација.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.