Во периодот од шести август до 18 ноември 53.682 граѓани биле позитивни од вкупниот број тестирани за ковид-19, а од нив 31% или 16.702 лица биле целосно вакцинирани, соопшти денеска Министерството за здравство.

Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19. Според статистиката за изминативе месеци, 36.980 граѓани, односно 69% од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани исто така е голем. Од моментално 534 хоспитализирани пациенти, 123 се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. Во наведениот период од вкупниот број починати, 80% биле невакцинирани, а 20% од починатите примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација и апелира граѓаните да се вакцинираат, зашто само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКоВ2.

Во анализата на Министерството за вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од примањето на втората доза вакцина.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.