Продолжува хаосот на граничните премини кон Косово. Сите оние кои немаат три дози примени вакцини не смеат да влезат на територијата на Косово. Некои мора да патуваат таму, па и покрај двете дози се принудени да прават ПЦР тестови. Оваа мерка ќе трае 2 недели.

„Не, апсолутно не е во ред, но го направија задолжително и немаме друго решение“…

„Верувам дека ова е само малтретирање и воопшто не носи резултат, еднаш пуштаат, потоа не, воопшто не ја разбираме оваа ситуација“…

„Да, нè известија и се вративме да направивме тестови бидејќи имаме само две дози, но не и ПЦР тест. Колку ве чинеше тестот? Тестови од 1.500 ден. Дали овој трошок е во ред? Не, не е, но немаме што да правиме затоа што така одлучиле“, реагираат граѓаните.

Револтот на нашите граѓани кои се вратени од косовската граница е зошто тие не бараат три дози вакцини за своите граѓани кои влегле на територијата на нашата земја каде доаѓаат на шопинг, скијање или на семејни посети, а кои на враќање исто се потенцијален ризик од ширење на вирусот од нашата во нивната држава.

Косовските власти велат дека одлуката ќе важи до 4 февруари, кога ќе се процени епидемиолошкиот ефект. Освен овие мерки, во Косово поради големиот број новозаболени со ковид има и полициски час од 22 до 5 наутро.

„Од оваа мерка се ослободени државјаните на Република Косово кои ја напуштиле територијата во последните 12 часа и истите доколку имаат две дози вакцини при враќање дома немаат потреба од ПЦР тест. Доколку останат повеќе од 12 часа надвор од Косово, при враќање треба да останат во карантин 7 дена. Исто така од оваа мерка се ослободени и странски државјани кои транзитираат низ територијата на Косово во рок од три часа, како и лица помлади од 12 години“, наведуваат од косовската влада.

За оваа одлука на Владата во Приштина критики има и од Албанија. Сите соседни земји го критикуваат Косово како единствена земја во Европа која се затвора со рестриктивни мерки и полициски час и покрај препораките на СЗО дека сега кога варијантата омикрон го достигна својот врв, ризикот од смртност е низок и земјите треба полека да почнат да ги укинуваат рестриктивни мерки, дури и да ја укинат обврската за носење маски и сертификати за вакцинација.

Аднан Ќаили