Откако започна пандемијата на коронавирус, суплементите на витамини, минерали и други хранливи материи, веројатно се користат најмногу досега, но и со нив треба да се внимава

Како што постојат супстанции што секогаш треба да се пијат заедно, така има и такви што не се мешаат.

Иако внесувањето витамини и минерали преку храната е најдобро решение, понекогаш не е возможно да се внесат буквално сите корисни хранливи материи на тој начин или пак потребата за нив е поголема поради одредени состојби. Затоа постојат суплементите!

Меѓутоа, имајте на ум дека не треба да ги пиете кога ќе ви текне и во која било комбинација, бидејќи постојат споеви што здружени заедно не дејствуваат онака како што би сакале и како што му треба на организмот.

Витамини Д, Е и К
Истражувањата покажале дека апсорпцијата на витамин К е помала кога се пие со други витамини растворливи во масти, како што се витамините Е и Д. Поради тоа, се препорачува да се пијат во растојание од два часа, бидејќи само така ќе се искористи нивниот полн потенцијал. Експертите истакнуваат дека заедничкото консумирање на овие витамини не е штетно, но едноставно не е ефикасно.

Магнезиум и мултивитамин
Луѓето често земаат магнезиум приквечер за да го подобрат квалитетот на сонот и да ги опуштат мускулите. Но ако го пиете овој минерал, немојте истовремено да консумирате мултивитамин, бидејќи магнезиумот може негативно да влијае врз апсорпцијата на минералите што се содржат во помали концентрации во мултивитаминскиот микс. Тоа обично се железо, цинк и калциум, кои потоа мора да се натпреваруваат за тоа кој ќе биде апсорбиран. Калциумот и магнезиумот често се препорачуваат за превенција на остеопороза, но во растојание од најмалку два часа.

Рибино масло и гинко билоба
Омега-3 масните киселини од рибиното масло се супернутриент за здравјето на срцето, додека гинко билобата помага за когнитивни оштетувања, но и двата суплемента ја проретчуваат крвта, па нивното заедничко консумирање го зголемува ризикот од неконтролирано крвавење и ја намалува способноста за згрутчување на крвта.

Бакар и цинк
Ако го пиете суплементот бакар поради утврден недостиг од овој минерал, одбегнувајте истовремено да внесувате и цинк, бидејќи тој може да влијае врз тоа како телото ќе го апсорбира бакарот. Растојанието помеѓу нив нека биде барем два часа.

Железо и зелен чај
Иако зелениот чај не е суплемент, тој е познат по силните антиоксиданси и, генерално, силното дејство. Тој може да предизвика дури и недостиг од железо кога долго се пие во големи количини, додека железото може да ја намали ефикасноста на зелениот чај! Поради тоа, експертите советуваат деновите кога пиете железо, да одбегнувате зелен чај.

Витамини Ц и Б12
Некои истражувања покажале дека витаминот Ц го разградува витаминот Б12 во дигестивниот тракт и ја намалува неговата апсорпција, па би требало да ги пиете во растојание од најмалку два часа.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.