Виолетовите медузи веќе се појавија на многу плажи во Грција.

Се сметаат за многу опасен вид, односно еден од најопасните видови медузи во Медитеранот, а нивниот раст на популацијата продолжува летово.

Според океанографот Харитон Хинтироглу, виолетовата медуза „има слабо движење и не може динамички да се пренесе од едно на друго место, па затоа во такви случаи тука се струите и ветерот кои ги пренесуваат“.

Ретки популации на виолетови медузи се појавија и во Атика и тоа на плажите во Мегара, Елефсина, Агиос Космас, Глифада, Анависос, Вулиагмени и Саронида.

Експертите велат дека зад популациското избивање на феноменот виновни се климатските промени и прекумерниот риболов на големи риби, бидејќи покрај желките, предатори на медузите се и сабјарката, туната и месечевата риба.

Погледнете ја картата со „црвените“ области

Виолетовите медузи се појавија во Јонското Море, но морските струи ги однесоа до Егејот, Термаикос и Халкидики, Пагаситикос и Споради, јужно од Евија, со што многумина ги избегнуваат грчките мориња. 

Убодот на виолетовата медуза (Pelagia noctiluca) е болен поради невротоксинот што го содржи. Препознатлив е по четирите главни и осумте подолги и потенки пипала, заедно со „шапка“ со точки и виолетова внатрешност, додека пак истата има вообичаен дијаметар од 6-10 см.

Кога е млада неговата боја е портокалово-кафеава, а кога ќе порасне ја добива оваа интензивна виолетова боја.

Грчката опсерваторија за биодиверзитет предлага комплет за прва помош за плажата.

Како што забележува, добро е на плажа да го имаме следново за да може да се справиме со каснувањето од медуза:

  • Пластична картичка (дебитна, кредитна)
  • Пинцета
  • Чаша
  • Сода Бикарбона (сооднос 1:1 со морска вода)
  • – Антихистаминска пилула.
  • кортизонска крема како на пр. фуцикорт.

Чекорите за нега се:

  • Измијте се внимателно со морска вода, без да го триете местото на убодот.
  • Доколку можете, нанесете мешавина од морска вода и сода бикарбона (1: 1) две минути за да го спречите дополнителното лачење на отров од можните остатоци од клетките на пипалата оставени на кожата.
  • Користете пластична банкарска картичка или нешто слично (а не раце) за да ја отстраните смесата од сода бикарбона како и сите остатоци од кожата.
  • Држете мраз на убодот 5-15 минути. Мразот, па дури и ледениот безалкохолен пијалок, треба да биде во торба или друга обвивка, како крпа или маица.
  • Проверете дали болката се намалила, а доколку е потребно повторно ставете мраз уште 5-15 минути.
  • Доколку болката продолжува, консултирајте се со лекар или фармацевт за да ви препише лекови против болки или антиинфламаторни креми (како 3-4% лидокаин и хидрокортизон).

Местото на убодот завиткајте го со завои и никако не користете свежа вода, оцет, алкохол, амонијак.