Новото истражување покажува дека формирањето на нов суперконтинент би можело да ги „избрише“ луѓето и сите други цицачи (ако воопшто постојат) од Земјата за 250 милиони години, пишува „Натура“.

Научниците од Универзитетот во Бристол во Велика Британија, користејќи софистицирани климатски модели, предвидоа дека климатските екстреми значително ќе се интензивираат по спојувањето на континентите во суперконтинентот „Пангеа ултима“.

Тие открија дека ќе биде екстремно топло, суво и непогодно за живеење за луѓето и останатите цицачи, кои не еволуирале за да издржат толку високи температури. За да ги пресметаат нивоата на јаглерод диоксид, експертите симулираа трендови на температура, ветер, дожд и влага за суперконтинентот и користеа модели на движење на тектонските плочи.

Исто така, открија дека со формирањето на суперконтинентот, ќе се предизвикаат почести вулкански ерупции, ослободување на јаглерод диоксид во атмосферата и затоплување на планетата, а Сонцето ќе стане посилно, односно ќе емитува повеќе енергија и дополнително ќе ја загрее Земјата.

„Широко распространетите температури од 40 до 50 степени Целзиусови и уште поголеми дневни екстреми, придружени со високи нивоа на влажност, на крајот би можеле да ја запечатат нашата судбина. Луѓето и многу други видови повеќе нема да можат да живеат на Земјата“, вели климатологот Александар Фарнсворт од Универзитетот во Бристол.

Поради високите температури, ќе има недостиг од храна и вода за цицачите, а само меѓу 8 и 16 отсто од копното на суперконтинентот би можело да се живее. Научниците го разгледаа и нашиот сегашен проблем со климатските промени.

„Иако предвидуваме дека нашата планета би можела да биде непогодна за живот за дури 250 милиони години, ние веќе доживуваме екстремна топлина која е штетна за здравјето на луѓето. Затоа е важно да се постигне нула емисија што е можно поскоро“, рече климатологот Јунис Ло од Универзитетот во Бристол.

Научниците со децении предупредуваат дека затоплувањето мора да остане под 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустриските нивоа, за да се избегнат катастрофални промени кои би го трансформирале животот каков што го знаеме.

Последното масовно истребување се случило пред околу 66 милиони години, кога астероид удрил во Земјата и ги убил диносаурусите и најголемиот дел од животот на планетата.

Извори: CNN, Nature