Антолошката панк-рок „химна“ „God Save The Queen“ на групата „Секс пистолс“, ќе биде преиздадена во бројно-ограничено издание, по повод платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора, а 45 години откако предизвика скандал во Велика Британија.
Антимонархистичката песна, чиишто остар текст ги потпиша пејачот на бендот, Џони Ротен, беше објавена 1977 година, кога кралицата го прослави својот сребрен јубилеј – 25 години на британскиот престол. Инаку, стиховите зборуваат за кралицата како „нечовечко суштество“ и го нарекува нејзиниот режим – фашистички. Песната тогаш беше забранета на радиотелевизијата Би-би-си.
Но, тоа само ја направи уште попопуларна и таа заврши на второто место на официјалните музички сингл-листи.
– Како човечко суштество, мене би ми недостасувала на светов… Не е таа виновна што е родена во златен кафез, изјави 66-годишниот панк-ветеран Џон Лидон во една прилика. – Нека живее долго. Не сакам таа да владее, но нека живее долго, додаде тој.
Неколку илјади плочи ќе бидат пуштени во продажба на 27 мај, и таа ќе ги вклучува двете оригинални изданија на песната, за продуцентските куќи „Вирџин“ и „Еј-енд-ем рекордс“.