Тројца припадници на косовската полиција се повредени за време на операцијата во северно Косово за апсење на еден од водачите на српската формација „цивилна одбрана“ Милун Миленковиќ-Луне, кој, според косовското Министерство за внатрешни работи, учествувал во нападот врз војниците на КФОР и косовската полиција во немирите пред две недели.

Косовскиот министер за внатрешни работи, Џељал Свечла, рече дека Луне со години предводел криминални банди кои биле насочени кон цивилното население на северот. Веднаш по почетокот на операцијата на специјалните сили во Северна Митровица се слушнале сирени, по што граѓаните Срби почнале да се собираат, а многу од нив учествувале во нападите врз полициските патроли.

Цел на напад бил и новинар на телевизиска екипа на АТВ, кој добил полесни телесни повреди. Автомобилот бил гаѓан со камења од група маскирани лица. По апсењето на Миленковиќ, припадниците на косовската полиција се повлекле кон Бошњачкото маало на југот на градот.

Косовската министерка за правда, Албулена Хаџиу, соопшти дека Косово не треба да толерира криминални дела на криминални групи. „По големата посветеност на косовската полиција, од витално значење е правосудните институции да бидат на висина на нивната задача и да преземат акции во согласност со нивните одговорности“, наведе Хаџиу.

Според извештаите на медиумите во Косово, демонстрантите скандирале „предавство“, а го навредувале српскиот претседател Александар Вучиќ.

Исуф Кадриу