Новата палестинска влада положи заклетва

Новата палестинска влада положи заклетва во услови на интензивен меѓународен притисок за реформи на Палестинската национална управа.

Кабинетот, предводен од премиерот Мохамед Мустафа, официјално положи заклетва во неделата пред претседателот Махмуд Абас во Рамала, на окупираниот Западен Брег, според палестинската новинска агенција ВАФА, пренесува Си-Ен-Ен.

Мустафа беше назначен претходно овој месец да го замени поранешниот премиер Мохамед Штајех, кој поднесе оставка во февруари заедно со неговата влада.

По церемонијата, претседателот Махмуд Абас претседаваше со состанокот на новата влада, на кој изјави:

„Во тек е работа со арапските и меѓународните страни за да се запре израелската агресија врз Газа“, рече Абас меѓу другото.

„Нашата политичка цел е да постигнеме слобода, независност и ослободување од окупацијата и работиме со засегнатите арапски и меѓународни партии за да добиеме полноправно членство во Обединетите нации“, рече Абас.

Абас ја нагласи потребата од „далекосежни институционални реформи за подобрување на перформансите и обезбедување подобри услуги за палестинскиот народ насекаде“.

Според ВАФА, тој понатаму вели  дека новата влада ќе треба да се фокусира на напорите за хуманитарна помош во Газа и на ревитализација на палестинската економија.

Палестинската национална управа се соочува со силен притисок од САД да го реформира и подобри своето управување на Западниот Брег. Тоа долго време се смета за корумпирано од американските политичари и од самите Палестинци.

ПУ имаше административна контрола над Газа до 2007 година. Хамас победи на законодавните избори во 2006 година на окупираните територии и потоа ја протера палестинската управа од Газа. Оттогаш Хамас владее со енклавата, додека ПС управува со делови на Западниот Брег окупиран од Израел.

Д. Т.