Двајцата пациенти заразени со конго-кримска хеморагична треска (ККХТ) се стабилни. Според лекарите, најкритичната фаза од болеста кај нив поминала и не се очекува влошување на нивната состојба. Нема други суспектни случаи ниту, пак, кај некои од контактите е потврдено присуство за ККХТ, соопшти Министерството за здравство.

Потсетува на заклучокот од последниот состанок со Комисијата за заразни болести што се одржа минатата седмица – да се препорачаат превентивни мерки за заштита на граѓаните од конго-кримска хеморагична треска која се пренесува со каснување од крлеж.

Преветивните мерки за заштита, главно, се однесуваат на информирање на граѓаните и на здравствените работници на кој начин се пренесува болеста и како да се заштитат од неа. Се препорачува со облека да бидат покриени експониранате делови – раце, нозе, врат, глава, да се носи светла облека за лесно да се забележи крлежот, облеката да се испрска со спреј на база на синтетски пиретроид, но да се внимава да не се прска на кожата, да се користи репелент против крлежи и инсекти кои може да се нанесуваат на гола кожа.

-По престој во природа направете детална проверка на своето тело и облека, како и на телото и облеката на вашите децата. Посебно внимание посветете им на влакнестите делови од телото, каде крлежите најчесто се закачуваат, вклучително и главата, вратот и пределот зад ушите, особено кај децата. Крлежите често се закачуваат во прегибите на телото (во пазувите, во препоните, под градите кај жените, стомачните прегиби и сл. Контролирајте ги домашните животни за присуство на крлежи Избегнувајте региони каде се присутни крлежи и делови од годината кога се тие најактивни. Носете ракавици и друга заштитна облека додека ракувате со животни, се наведува во препораките на Министерството за здравство.

Се апелира и избегнување близок физички контакт со лица заболени од ККХТ, да се носат ракавици и заштитна опрема при грижа за болните луѓе и редовно да се мијат рацете со вода и сапун по активностите за грижа/нега или посетата на болните луѓе.

-На состанокот што се одржа по иницијатива на министерот за здравство д-р Фатмир Меџити, членовите на Комисијата изготвија информација до Владата на Македонија за организирање акциски план во кој ќе се направи прво проценка на преваленцата, за зголемено присуство на крлежи по различните региони и таму каде што ќе бидат детектирани се планира да се направи дезинсекција која е клучна превентивна мерка. наведува Министерството за здравство.

Во соопштението МЗ нагласува и дека нема простор за паника затоа што ККХТ не се пренесува лесно, туку само по каснување од крлеж заразен со вирусот.

Најизложени на оваа опасност се риболовците, ловците и сточарите кои треба да бидат иклучително внимателни и да ги почитуваат препораките за превенција.

-Друга голема група изложена на ризик се здравствените работници, заради контакт со телесните секрети – крв, тие треба да се заштитуваат со ЛЗО при контакт со сомнителни случаи, посочува Министерството за здравство.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.