Сè поверојатно е дека годинава повторно ќе се организираат предвремени парламентарни избори во Бугарија. Според Вања Петрова од бугарскиот Институт за демократски студии, постои можност сега конечно да се состави политичка Влада, но нејзиниот век на траење би бил краток. Таа вели дека иако седнаа на иста маса со надеж за проевропска коалиција, сепак голема е спротивставеноста меѓу поранешните премиери Бојко Борисов и Кирил Петков, чии партии освоија безмалку ист број на гласови на последните избори.

„Според мене, шансите се многу ограничени и веќе може според настапите во јавноста да се забележи дека политичките партии повторно влегуваат во предизборна кампања и почнуваат да користат предизборни наративи. Повеќе или помалку фокусот го поставуваат на локалните избори, кои ќе се одржат наесен, па најверојатно ќе имаме избори „две во едно“ – парламентарни и локални“, рече Вања Петрова – Институт за демократски студии.

Петрова додава дека евентуалните нови избори воопшто не би довеле до поразличен исход во распределбата на пратеничките места, освен можен раст на гласовите кај проруската партија „Преродба“, предводена од контроверзниот политичар Костадин Костадинов. Во меѓувреме, како што оценува Петрова, Бугарија сè повеќе се движи кон „претседателска република“, со оглед на фактот што додека не се формира политичка Влада, премиерот и министрите ги назначува шефот на државата Румен Радев.

„Изминатите две години сме нешто како „претседателска република“, затоа што на некој начин Румен Радев своеволно прави Влада и управува, што по ниту еден начин не е нормално и не е во согласност со Уставот“, додава Петрова.

Партијата со најголем број гласови, ГЕРБ на Бојко Борисов, најави дека ќе предложи Влада на чело со бугарската политичарка и доскорешна еврокомесарка за иновации, Марија Габриел. Сепак, дали таа ќе добие поддршка од мнозинството во Собранието, особено од партијата на Кирил Петков е неизвесно. Последните анкети кај соседите покажуваат дека 28% од граѓаните поддржуваат коалиција Борисов-Петков, 22,8% навиваат за нови избори, а скоро 30% не можат да одговорат кој би бил најдобриот излез од ситуацијата. Освен седумте месеци со Влада предводена од Кирил Петков, Бугарија најмалку две години не може да состави цврсто мнозинство во Собранието.

Лука Андреев