Научници од САД постигнаа нето-енергетска добивка во реакцијата на фузија вторпат од декември минатата година, пишува „Фајненшал тајмс“.

Истражувачите од Федералната национална лабораторија „Лоренс Ливермор“ во Калифорнија успешно го повторија експериментот на 30 јули, кога беше произведено поголема количина енергија отколку кога истиот експеримент беше изведен во декември лани. Од лабораторијата потврдија дека енергетската добивка повторно е постигната во ласерската постројка и дека анализата на резултатите е во тек.

Во истата лабораторија, во декември 2022 година, со помош на ласер е извршена нуклеарна фузија, односно спојување на два атома  во еден, при што се ослободува голема количина на енергија.

Фузијата е постигната со загревање на два водородни изотопи – обично деутериум и тритиум – до  екстремни температури што атомските јадра се спојуваат, ослободувајќи хелиум и огромни количини на енергија во форма на неутрони.

Иако многу научници веруваат дека централите на фузија се уште се со децении далеку, потенцијалот на технологијата е тешко да се игнорира. Реакциите на фузија не испуштаат јаглерод, не произведуваат долготраен радиоактивен отпад и мала чаша водородно гориво теоретски може да напојува куќа стотици години.

Американскиот секретар за енергија Џенифер Гранхолм во декември го опиша достигнувањето како „еден од најимпресивните научни подвизи на 21 век“. Во тој експеримент, реакцијата произведе околу 3,15 мегаџули, што е околу 150 проценто повеќе од 2,05 MJ, колку што е капацитетот во ласерите.