Над 50 земји ги осудуваат нелегалните избори на Русија на окупираните украински територии

Украина, уште 56 земји и Европската унија го осудија незаконски организираното гласање на териториите окупирани од Русија во Украина, како дел од руските претседателски избори, изјави вчера постојаниот претставник на Украина во Обединетите нации, Сергиј Кислицја, пишува Кијив Индипендент.

Русија вчера започна тридневно гласање до недела на псевдодемократските претседателски избори кои се очекува да му доделат на Владимир Путин, кој е на власт од 1999 година, уште шест годишен мандат.

Во заедничката изјава прочитана од Кислицја, повеќе од 50 земји, меѓи кои САД, Франција, Велика Британија, Јапонија, Австралија, Јужна Кореја и други, се осудува одржувањето на руските претседателски избори во неколку украински региони.

Организирањето избори во друга земја-членка на ОН без нејзино одобрение е јасно непочитување на принципите на суверенитет и територијален интегритет, се наведува во заедничката изјава, потсетувајќи на резолуциите на Генералното собрание на ОН за ова прашање.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш исто така го осуди одржувањето на руските претседателски избори на териториите во Украина окупирани од Русија.

Генералниот секретар ги осудува напорите на Москва да ги организира своите претседателски избори на украинските територии окупирани од Руската Федерација. Нелегалниот обид за анексија на украински територии не е валиден според меѓународното право, истакна портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дижарик.

Тој ја повтори посветеноста и поддршката на светската организација за „независноста и територијалниот интегритет на Украина“.

Помошничката на генералниот секретар на ОН за политички прашања, Розмари Ди Карло, за време на состанокот на Советот за безбедност посветен на изборите во Русија, нагласи дека нивното одржување на украинските територии контролирани од Москва е „неприфатливо“.

Набљудувачката мисија на ОН за човекови права во Украина оцени дека претходните таканаречени референдуми и локални избори биле одржани во принсилна средина. Според меѓународното право, окупаторската сила, во овој случај Руската Федерација, е должна да ги почитува законите на Украина на окупираните територии, додаде Ди Карло.

На овие избори гласаат и жителите на четирите украински региони – Доњецк, Луганск, Запорижја и Херсон, кои беа анектирани од Русија во септември 2022 година, што претставува кршење на меѓународното право од страна на Москва.

Генералното собрание на ОН досега во повеќе резолуции ја осуди руската инвазија на Украина. Во октомври 2022 година, ги осуди „незаконските анексии“ на украинските региони Доњецк, Луганск, Запорижја и Херсон по одржувањето на „незаконски референдуми“ со укажување дека овие активности „немаат важност“ според меѓународното право.

Г. Т.