Ова е чин на војна, напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, грубо кршење на Повелбата на ООН и основните норми и принципи на меѓународното право, соопшти украинското Министерство за надворешни работи, по рускиот напад врз цели во земјата.

„Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин најави почеток на нов бран на агресија против Украина. Целта на руската офанзивна воена операција е уништување на украинската држава, насилно заземање на украинска територија и воспоставување окупациска контрола. Руските војски остваруваат напади на мирните украински градови од различни правци, вклучително и од страната на привремено окупираните Донбас и Крим, како и североисточниот регион. Украина го активира своето право на самоодбрана во согласност со меѓународното право“, се вели во изјавата што ја пренесе и Амбасадата на Украина во земјава.

Украина ја повикa меѓународната заедница веднаш да дејствува, истакнувајќи дека само обединети и решителни чекори можат да ја запрат агресијата на Владимир Путин против Украина.

Прикажи повеќе