МНР на Палестина: Израел започна напад врз Рафа без најава

Министерството за надворешни работи на Палестина денес објави дека израелската војска започнала напад врз градот Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, „без какви било најави и не чекајќи одобрение од никого“, пренесува Агенцијата Анадолу.

-Министерството за надворешни работи на Палестина остро ги осудува крвавите воздушни напади и системските деструктивни операции на Израел врз градот Рафа, игнорирајќи ги меѓународните предупредувања за незаземање на градот во кој живеат милиони раселени луѓе од северните и централните делови на Појасот Газа, се истакнува во соопштението.

Се нагласува дека Израел синоќа извршил разорен воздушен напад врз Рафа во кој животот го загубиле голем број Палестинци и се додава:

„Израел започна напад врз градот Рафа без да го најави за да ги избегне меѓународните реакции и не чекаше ничие одобрение.“

Палестинското Министерство објави дека овие напади се совпаднаа со посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Саудиска Арабија и на Египет.

Во воздушните напади што синоќа ги изведоа израелските воени авиони врз разни делови на градот Рафа, животот го загубија 15 Палестинци, меѓу кои има жени и деца, а повеќе лица се повредени.

Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 15 март објави дека Нетанјаху го одобрил планот за можни воени операции јужно од градот Рафа.