Под студените темни бранови на Балтичкото Море се крие таинствено парче историја.

Во германскиот залив Мекленбург, 21 метар под површината, научниците пронајдоа древна камена мегаструктура, која датира од каменото доба, пред повеќе од 10.000 години.

Се протега во должина од речиси еден километар и се состои од големи камења. Структурата е во спротивност со природните релјефни форми што значи дека е намерно изградена за некоја цел, илјадници години пред да биде проголтана од морето.

Германскиот истражувачки тим предводен од геофизичарот Јакоб Герсен од Универзитетот во Кил верува дека станува збор за некаков ѕид, можеби за да им помогне на луѓето ловци, кои своевремено го населувале регионот.

Своето откритие научниците го нарекоа „Блинкервол“.

„Локацијата претставува една од најстарите документирани вештачки ловечки структури на Земјата и зазема место меѓу најголемите познати структури од камено доба во Европа“, пишуваат истражувачите во нивниот труд.

„Ова е важно за разбирање на стратегиите за егзистенција, моделите на мобилност и начините на  територијалниот развој во регионот на западното Балтичко море“, додаваат истражувачите.

Земјините маси значително се менувале во текот на милениумите, обликувани од тектонското движење, ерозијата и климатските процеси, како што се глацијацијата и промените на нивото на морето. Многу крајбрежни населби и градби со текот на времето биле проголтани од морињата и скриени од погледот.

Меѓутоа, во последниве години, технологиите кои постојано се развиваат почнаа да ги откриваат скриените богатства на морското дно. Герсен и неговиот тим го пронајдоа Блинкервол користејќи хидроакустична слика со висока резолуција, автономно подводно возило и луѓе нуркачи за да го истражат заливот и да го мапираат вистинскиот обем на структурата.

Собраните податоци открија долг дел од околу 1.670 поединечни камења, кои се протегаат на околу 971 метар. Овие камења, наредени еден до друг во верижната структура, високи се околу од еден метар, а широки 2 метра.

Се чини дека структурата била во непосредна близина на античкото морско крајбрежје или мочуришен предел. Наверојатно не служел како брана за одгледување риба бидејќи истражувачите не пронашле места за  проток на вода, што е потребно за правилна функционалност.

Не служел ниту како крајбрежна брана, бидејќи димензиите од 2 метри се претесни за основа на крајбрежен ѕид. И изградбата на пристаниште, велат тие, е исто така малку веројатна, бидејќи луѓето кои го населувале регионот пред повеќе од 10.000 години веројатно не можеле да се занимаваат со чести поморски патувања.

„Врз основа на досега собраните информациите“, пишуваат истражувачите, „најверодостојната функционална интерпретација за Блинкервол е дека тој бил изграден и користен како ловечка архитектура за терање стада на големи копитари“. Тие би се состоеле, во тоа време, првенствено од ирваси или бизони.

Иако датирањето на такви структури е предизвик, истражувачите веруваат дека Блинкервал бил изграден пред повеќе од 10.000 години, врз основа на староста на околните карактеристики и потопен под Балтичкото Море пред околу 8.500 години.

Оттогаш, тој останал заробен под брановите, во релативно недопрена состојба што го прави вреден ресурс за разбирање на човечката историја.

„Предложениот датум и функционалната интерпретација на Блинкервол ја прават оваа карактеристика возбудливо откритие, не само поради нејзината старост, туку и поради потенцијалот за разбирање на моделите за егзистенција на раните заедници на ловци“, пишуваат истражувачите.

Истражувањето е објавено во PNAS.