Борците на паравоената група „Вагнер“ го напуштија штабот на руската армија во Ростов во југозападна Русија, а на чело на конвојот беше нивниот лидер Евгениј Пригожин, изјави утрово регионалниот гувернер.

„Колона членови на групата ‘Вагнер’ го напуштија Ростов и се упатија кон нивните кампови“, рече гувернерот Василиј Голубев, без да даде дополнителни детали.

Руската агенција Риа новости јавува дека утрово околу штабот на Јужниот воен округ во Ростов ситуацијата е мирна, а сообраќајот е обновен.

По бунтот, Пригожин треба да оди во Белорусија, откако вчера со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко, тој се согласи да ги врати своите војници во воените бази.

Договорено е контроверзниот основач на „Вагнер“ да оди во Белорусија и кривичната постапка против него за организирање вооружен бунт да биде прекината. Нема да има кривично гонење на неговите борци кои учествувале во бунтот.

Засега не се знае каде точно се наоѓа шефот на „Вагнер“.

Пригожин повика на вооружен бунт против руското воено раководство во петокот, а вчера наутро неговите приврзаници влегоа во штабот на руската армија во градот Ростов на Дон, кој е главен центар за напади врз Украина. Неговата група потоа се упати кон Москва, но запре на 200 километри пред руската престолнина.