Милан и Интер потврдија дека им се „брза“ со изградбата на нов модерен стадион и дека ќе го изберат најбрзиот проект дури и тоа да значи селење надвор од градот Милано.

Двата славни италијански клубови го одобрија проектот за изградба на новиот стадион во квартот Сан Сиро на крајот на 2021, но новиот стадион не би бил подготвен пред 2027, бидејќи веќе е утврдено дека свеченото отварање на Зимската Олимпијада во 2026 ќе биде на стадионот „Џузепе Меаца“.

Градоначалникот на малото градче Сан Сесто Џовани во близината на Милано пред неколку недели потврди дека имал разговори со двата клуба, кои сега потврдуваат дека се подготвени за таков чекор.

„Очекував нешто многу побргу, посебно бидејќи сме во Милано. Новиот стадион е за сите, не само за фановите. Бирократијата во Италија не помага, а Интер и Милан имаат иста визија и неопходен е нов стадион. Овој проект е во сопственост на Интер и Милан, а не на општината Милано и затоа мораме да побараме алтернативи надвор од градот. Ни се брза“, потврди претседателот на Милан, Паоло Скарони.

Директорот на Интер, Алесандро Антонело го дели истото мислење.

„Системот не помага, посебно во спортската инфраструктура. Потребна ни е сигурност за инвеститорите и долго време чекаме на одобрување на проектот. Да, потребна е јавна дебата за транспарентност, но други европски градови би изградиле стадион за три години. Мораме да имаме алтернатива бидејќи целта е да се има нов стадион што е можно побргу“, изјави Антонело./Makfax