Македонскиот шампион МЗТ Скопје промовира уште двајца странци, кои според нивните пишувања ќе бидат последни за новата сезона. Се работи за американско дуо за бековските позиции, а нови играчи на „штрковите“ се Седрик Расел и Ејасу Ворку.

Расел доаѓа во Аеродром од српската екипа Тамиш. Претходно настапуваше и во НЦАА развојната лига, за универзитетот Луизијана. Последната сезона во САД, 24-годишниот Седрик Расел имаше просек од 17 поени, а минатата во Србија имаше 16,2 поени, 2,3 асистенции и 2,4 скок по натпревар.

Од друга страна Ејасу Ворку е попознат за македонската јавност. Пред две сезони тој настапуваше за екипата на Гостивар и беше меѓу носителите на играта. Во првенството имаше просек од 16,2 поени, 7,2 асистенции и 5,1 скок. Во Европа, Ворку настапуваше и за Забок пред да направи трансфер во Задар.

Претходно МЗТ се пофали со потписите на центарското дуо од Србија и Хрватска, Душан Танасковиќ и Марко Баковиќ, додека претходно се засили со младите македонски кошаркари Марин Петков и Марко Миловановиќ. Договорите со клубот ги продолжија браќата Војдан и Дамјан Стојановски, како и детето на клубот Андреј Андоноски.