Рускиот тенисер Данил Медведев си го обезбеди првото место во „Црвената група“ на финалниот АТП Мастерс во Торино, откако во второто коло го доби дербито со Александар Зверев со 2-1 по сетови (6-3, 6-7, 7-6).

Русинот тргна сигурно, му одзеде гем на противнички сервис на Зверев уште на стартот и си направи предност.

Потоа, со сигурна игра и безгрешно дојде до водство од 1-0 со 6-3. Двајцата тенисери беа сигурни во вториот сет, не губеа ниту еден гем на свој сервис и сетот дојде до тај-брејк. Во доигрувањето подобар беше Зверев и со 7-3 успеа да израмни.

Слично како во вториот, така и во третиот сет. Медведев и Зверев не дозволија ниту еден брејк, а сетот пак дојде до тај-брејк. Овојпат, Медведев беше подобар и ја искористи третата меч-топка за победа со 8-6 во доигрувањето. Вториот светски рекет си го потврди местото во полуфиналето на завршниот Мастерс, а треба да се случи чудо за да не заврши на првата позиција во групата.