Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе има телефонски разговор со неговиот руски колега Владимир Путин за украинската криза. „Ќе имам телефонски разговор со претседателот Путин за да можеме заедно да ја разгледаме целата ситуација“, изјави Макрон деновиве во Берлин по средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц. Елисејската палата во понеделникот објави дека Макрон ќе му предложи на Путин „начин за смирување на украинската криза“. „Загрижени сме и многу внимаваме да не создадеме двосмисленост и дополнителна нестабилност“, соопшти француското претседателство поради тензиите меѓу Западот и Русија околу Украина. Лидерите на САД и европските земји разговараа за украинската криза на видео средба во понеделникот.

Во средата Соединетите Држави и НАТО го отфрлија барањето на Русија да го запре натамошното проширување на НАТО кон исток, но понудија како што го нарекоа „сериозен дипломатски пат“ за да се реши жестоката конфронтација меѓу Москва и Западот во услови на засилување на руската војска во близина на Украина. Вашингтон го предаде својот писмен одговор на безбедносните барања на Русија на 26 јануари, што американскиот државен секретар Ентони Блинкен го опиша како „принципиелна и прагматична“ оценка на загриженоста што ја искажа Москва.

Русија, според западните разузнавачки служби, собра повеќе од 100.000 војници во близина на границата со Украина и одржува серија копнени и поморски воени вежби, што предизвика загриженост дека можеби се подготвува за понатамошен упад во земјата по илегалната анексија на Крим од Украина во 2014 година.

Прикажи повеќе