Четворицата европски лидери кои денеска ја посетија Украина се залагаат на Украина „веднаш“ да и се даде кандидатски статус за ЕУ, изјави францускиот претседател Емануел Макрон по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Макрон, говорејќи на заедничката прес-конференција во Киев заедно со лидерите на Германија, Италија и Романија, додаде дека Франција ќе ја засили испораката на оружје за Украина за да им помогне на нејзините сили да ја одвратат руската инвазија.
Испораката ќе вклучува уште шест моќни артилериски топови поставени на камиони, рече Макрон, додавајќи дека лидерите „прават сè за Украина сама да може да одлучи за својата судбина“.
Макрон денеска ја посети Украина, заедно со германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот премиер Марио Драги и романскиот претседател Клаус Јоханис.
Advertisements
Шолц рече дека го поддржува доделувањето статус кандидат за членство во ЕУ на Молдавија, како и за Украина.
Зеленски ја повика Европската унија да и понуди на Украина членство во Унијата преку скратена постапка, велејќи дека тоа ќе биде „моќен одговор“ на неиспровоцираната инвазија на Русија.
Лидерите на ЕУ треба да разговараат за ова прашање во Брисел на 23 и 24 јуни./РЕЛ