Ждрепката за квалификациите за Евробаскетот во 2025 година ќе се одржи на осми август во 11:30 часот во Минхен, соопшти секторот за Европа на Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА).

Составот на шеширите ќе биде познат утре, а 32 селекции ќе бидат поделени во осум групи со по четири репрезентации. Квалификациите ќе се играат во три прозорци, од 19 до 27 февруари 2024 година, од 18 до 26 ноември 2024 година и од 17 до 25 февруари 2025 година.

Пласман во квалификациите изборија селекциите на Србија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Грузија, Германија, Велика Британија, Грција, Унгарија, Исланд, Израел, Италија, Летонија, Литванија, Црна Гора, Холандија, Македонија, Полска, Португалија, Словачка, Словенија, Шведска, Шпанија, Турција и Украина.

На Евробаскетот ќе се пласираат трите најдобро пласирани селекции од секоја група. Во групите во кои се сместени домаќините на континенталниот шампионат (Кипар, Финска, Полска и Летонија), селекциите на организаторите како и двете најдобро пласирани репрезентации ќе го видат Европското првенство. Европскиот шампионат ќе се одржи од 27 август до 14 септември 2025.