Лидерите на ЕУ ќе поддржат забрзан прием на Западен Балкан и ќе го осудат насилството во Косово.

Лидерите на Европската унија (ЕУ) на претстојниот самит ќе разговараат за состојбите на Западен Балкан и ќе ја потврдат посветеноста на проширувањето на Унијата со земји од овој регион.

На самитот што ќе се одржи на 29 и 30 јуни, претседателите и премиерите на земјите членки на ЕУ ќе се потсетат на Декларацијата од самитот во Солун, кога пред 20 години беше потврдено дека вратите на ЕУ се отворени за земјите од регионот.

„Европскиот совет ја повторува својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ и поддршката за забрзување на пристапниот процес“, се вели во нацрт-заклучоците, до кои Радио Слободна Европа (РСЕ) има пристап. Овие заклучоци ќе бидат усвоени од лидерите на крајот на самитот.

Дека ќе се расправа за регионот потврди и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во поканата што ја упати до лидерите за собирот в четврток и петок.

Во рамките на дискусијата лидерите на ЕУ посебно ќе се осврнат на тензиите меѓу Србија и Косово.

Во таа насока, се очекува тие да ги осудат насилните инциденти на северот на Косово и да повикаат на итна деескалација на ситуацијата, врз основа на клучните елементи кои ЕУ веќе ги истакна на 3 јуни 2023 година.