Лета: „Постепена интеграција“ може да биде вистинскиот пат во проширувањето на ЕУ

При проширувањето на ЕУ, фокусот не треба да биде насочен само кон самиот процес, туку и на негово внимателно спроведување и поконкретно на „методите и времето“ на приемот на нови членки, се наведува во Извештајот за иднината на единствениот европски пазар што утре пред лидерите на Унијата ќе го презентира претседателот на Институтот „Жак Делор“ и поранешен италијански премиер Енрико Лета.

Во документот, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се посочува дека идејата за „постепена интеграција“ на идните членки би можел да биде вистинскиот пат во процесот на проширување на ЕУ.

– Новата стратегија мора да даде приоритет на областите каде што може да се постигне подготвеност во раните фази, дозволувајќи им на земјите кандидатки да ги искористат придобивките од конкретните елементи на единствениот пазар многу пред целосното пристапување, многу повеќе од она што сега го нудат договорите за асоцијација, се наведува во документот.

Сепак, според Лета, овој процес треба да биде придружен со „значајни политички елементи“ и да се најде нијансиран пристап, кој ќе го олесни постепеното, но значително користење на придобивките од единствениот пазар за земјите кандидатки, а истовремено и ќе ја заштити стабилноста и на нивните економии и на единствениот пазар.

– Затоа единствениот пазар на ЕУ мора да остане барем делумно под контрола на бриселските преговарачи за време на процесот пред проширувањето за да се спречи сегашните земји членки да ја загубат својата најмоќна алатка за договарање, се наведува во документот.

Предуслов за постепена интеграција на земјите кандидати во единствениот пазар, според извештајот, мора да биде целосно почитување на првиот од Копенхашките критериуми, односно посветеноста на демократските вредности и стандарди и владеењето на правото.

– Поставувањето јасна насока за интеграција на новите членки во ЕУ претставува еден од главните предизвици за следните години, се наведува во извештајот, при што се додава дека проширувањето ќе биде еден од трите клучни приоритети на кои треба да работи Унијата, имајќи предвид дека некои членки и сектори на блокот повеќе ќе ги почувствуваат последиците од идните рунди на прием на нови членки.

Според Лета, самото проширување не треба да биде сфатено како прекин на поддршката за раст и конвергенција пред се на земјите што меѓу последните се приклучија на ЕУ, туку треба да продолжи со кохезивната и Заедничката земјоделска политика кон нив.

За да се справи со ваквите проблеми, Лета предлага ЕУ да создаде нов фонд наречен „Солидарност за проширување“, кој би имал финансиски ресурси за управување со надворешните ефекти од проширувањето и може да биде витална алатка за поддршка на процесот. Преку овој фонд би се надминувале последиците со кои би се сочувале некои земји членки како последица на проширувањето.

Во извештајот се оценува дека претходните рунди на проширување претставувале „успешни избори за ЕУ“, кои му овозможија на блокот да ја „компензира загубата на релативната тежина предизвикана од трансформацијата на геополитичката и геоекономската рамка по Студената војна со пристапувањето на нови актери“.

– Поголема ЕУ е најдобриот инструмент за заштита на европските интереси и просперитет, за почитување на принципите на владеењето на правото и за одбрана на граѓаните на ЕУ од надворешни закани, се додава во извештајот.

Во документот се препорача и зајакнување на димензиите на единствениот пазар во делот на финансиските услуги, енергијата и електронските комуникации, при што како „примарна причина за пад конкурентност“ е посочена состојбата во телекомуникацискиот сектор во кој доминира „националниот фокус“ и затоа тој „мора да еволуира кон европска димензија“ со цел да биде конкурентен со компании од САД, Кина или Индија.

Во извештајот на Лета понатаму се препорачува задржување на моделот на поврзаност меѓу големите и малите претпријатија, целосно почитување на европските принципи, цели и правила, како и создавање „централизиран орган на ЕУ одговорен за гарантирање на кохерентноста на правилата“ на единствениот пазар.

Документот предлага зајакнат надзор Европската управа за хартии од вредност и пазари (ЕСМА) над најголемите фирми од финансискиот сектор во блокот, како и воспоставување регулаторна рамка приспособена исклучиво за малите и средни претпријатија.

Контролата над финансискиот сектор би се развила слично на единствениот надзорен механизам на банкарскиот сектор, каде Европската централна банка директно ги надгледува најголемите банки, додека националните супервизори ги следата помалите.

Воспоставувањето на рамката за малите и средните претпријатија, пак, би требало да овозможи, поедноставени барања за нивна котација, пропорционални на нивната големина и сопственичка структура.

Лета предлага и поинтегриран одбранбен пазар на ЕУ, при што Европската комисија би добила поголеми овластување и надлежности во тој сектор.

– Единствениот пазар треба да ги зајакне европските одбранбени капацитети, замислен како заеднички пазар кој им гарантира на сите членки пристап до воениот капацитет потребен за одбрана на нивните граѓани и промовирање на глобалниот мир, се вели во документот.

Според Лета, за да се постигне овој „Заеднички пазар на безбедносната и одбранбената индустрија“ неопходно е да се надмине „дефицитот на интеграција“ меѓу одбранбената индустрија во ЕУ, бидејќи таа интеграција на европските одбранбени компании е „многу потребна, а е предизвик без политичка конвергенција“.

– Заедничкиот пазар, исто така, има потенцијал да ја поттикне соработката или дури да доведе до европски здружувања, создавајќи посилни и поиновативни средни претпријатија, се посочува во документот.

Во извештајот се предлага и создавање берза на ЕУ прилагодена за стартапи во области како што се квантните компјутери и биотехнологијата.

Според Лета, европските пазари се фрагментирани со берзи кои работат под ингеренции на националните власти, а создавањето на единствена берза на ЕУ би го зголемила расположливиот капитал со здружување на ресурсите на новите технолошки стартапи.