Симон Кјаер на најлош можен начин ја заврши 2021-ва година која беше одлична за него од играчка гледна точка, бидејќи заработи тешка повреда на коленото поради која ќе мора да паузира со месеци.

Фудбалерот на Милан го скина предниот вкрстен лигамент и можно е да паузира до крајот на сезоната, а покрај оваа завршна непријатност, 2021-ва година ќе ја памети и по најстрашниот инцидент во својот живот.

Данецот буквално помогна да се спаси животот на Кристијан Ериксен со херојската реакција на теренот во Копенхаген, кога прв му пристапи на својот соиграч и му укажа прва помош по срцевиот удар кој го доби на Европското првенство.

Шест месеци подоцна, најдобра можна вест е тоа што Ериксен се уште е жив и ги надмина најтешките моменти, а Кјаер кој ќе има сеќавања од лошиот момент до крајот на животот, вели дека несреќата најдобро се опишува со два збора.

– Тој момент тешко може да се опише, но најдобро се опишува со зборовите „страшно“ и „неразбирливо“. Сепак, сметам дека зборови не се доволни за да опише целата ситуација. Едноставо немав никакви мисли за своите постапки. Се што направив, направив инстинктивно, сакав само да му помогнам. Направивме се што можевме, тоа беше страшно. За мене, сега најважно е тоа што Кристијан е добро и е меѓу нас, – вели Кјаер во интервјуто за „ТВ2“.